Македонија
18. January 2018 - 9:14

Законот за јазици не помина кај Иванов, Владата смета дека е уставен

По еднонеделно молчење претседателот Ѓорге Иванов вчеравечер соопшти дека Законот за употреба на јазиците е неуставен и дека нема да го потпише указот за негово прогласување.
 
- Наместо во духот на дијалогот и соживотот да градиме мултиетничко општетство преку праведни и општо прифатени закони ние донесуваме неправеден и репресивен закон со кој се фаворизира само албанскиот јазик, Затоа имајќи ги предвид моите согледувања за неусогласеноста на Законот за употреба на јазиците со Уставот, но и изнесените укажувања на експертската и пошироката јавност за противуставноста на овој закокн, а врз основа на член 75 од Уставот на РМ донесов одлука да не го потпишувам указот за прогласување на Законот за употреб ана јазиците, рече Иванов.
 
Оцени, меѓу другото, дека со овој закон се воведува многу скап паралелизам  во сите органи на државната власт што води кон нивна целосна блокада и нефункционалност и оти во услови на блокада постои  опасност, додаде, да се отвори прашањето за уставното редефинирање и загорзување на унитарноста, суверенитетот и теротијралниот интегритет на РМ.
 
Тој ги повика пратениците во Собранието внимателно да ги разгледаат неговите забелешки во кои ја образложува неговата одлука.
 
Владата на Република Македонија преку соопштение изрази жалење за одлуката на Иванов да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците.
 
- Во оваа прилика сакаме уште еднаш да нагласиме дека сите одредби во законското решение за употребата на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. Со Законот ја унапредуваме употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија. Мотивот за донесување на овој закон е грижата за сите граѓани во Република Македонија, во која градиме општество еднакво за сите. Тоа е концепт во кој оваа Влада силно верува и кој ќе продолжиме и понатаму да го унапредуваме, стои во реакцијата на Владата.
 
Со Законот, се посочува, ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, што значи дека Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик, се вели во реакцијата на Владата.
 
Од Владата наведуваат дека Законот за употреба на јазиците не го доведува во прашање унитарниот карактер на Македонија, ниту, пак, употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо кои и понатаму остануваат единствени официјални службен јазик и писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика.
 
Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците на 11 јануари, а потоа текстот беше испратен во кабинетот на претседателот. 
 
По одбивањето на Иванов да не го потпише указот за негово прогласување, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 
 
Со Деловникот на Собранието, пак, се предвидува и ако претседателот одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно да го разгледа законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот.