Бизнис
1. March 2018 - 12:50

Законот за финансиска поддршка на инвестициите наскоро во владина процедура

На следната владина седница се очекува да биде ставен на разгледување Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој ги повика пратениците да дадат поддршка за законот откако тој ќе ја помине владината процедура и ќе биде испратен на усвојување во Собранието на Република Македонија. 

- Ги повикувам сите пратеници да го поддржат овој закон за да може што поскоро компаниите да го користат и на најтранспарентен начин да им овозможиме да имаат предвид што можат да добијат за да ги зголемуваат своите капацитети, но и за да донесеме нови инвестиции, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата на која беа презентирани мерките за поддршка на микро, малите и средни претпријатија.