Свет
21. March 2018 - 22:04

Закерберг ги призна грешките, најавува подобра заштита на податоците

 Извршниот директор и основач на Фејсбук Марк Закерберг денеска ги призна грешките и најави чекори кон подобра заштита на податоците на корисниците по скандалот со преземање на личните податоци на повеќе од 50 милиони корисници.

Закерберг се огласи по четири дена молчење, забележуваат светските агенции.

Тој на својот профил на Фејсбук напиша дека компанијата има „одговорност“ да ги заштити податоците на корисниците.

- Ако тоа не го можеме, тогаш не заслужуваме да ви бидеме на услуга, истакна тој.

Закерберг информира дека работел на тоа да сфати што точно се случило и како да се обезбеди тоа да не се случи повторно.

- Добрата вест е дека најважните чекори за спречување ова да не се повтори повеќе ги направивме пред неколку години. Но, ние исто така направивме грешки, има уште да направиме, и треба да засилиме и да го направиме тоа, напиша тој.

Компанијата Фејсбук загуби околу 37 милијарди долари по скандалот со преземање на лични податоци на повеќе од 50 милиони корисници. Тоа ги исплаши инвеститорите па вредноста на акциите на Фејсбук падна за околу седум отсто.

Извршниот директор и основач на Фејсбук Марк Закерберг претрпе загуба од четири милијарди долари.