Македонија
21. October 2017 - 16:07

Закажуваат и не одат на лекар

Закажуваат и не одат на лекар. Пациент од внатрешноста,  изминатите месеци 27 пати не се појавил во специјалистичките ординации иако матичниот му креирал упати.

Неговиот пример го следеле уште двајца други граѓани од Скопје и Тетово кои годинава пропуштиле 22 односно 20 термини иако ги закажале преку електронскиот систем. Според податоците од управата за електронско здравство, дури 135 пациенти над 10 пати не дошле на закажан преглед во 2017.

Надлежните, велат дека како што не е оправдано болни да дојдат во амбуланта на закажан преглед  а лекарот да е на боледување или на одмор, така е лошо за системот и несовесното однесување на пациенти. Пропуштените и неоткажани термини непотребно прават листи на чекање.

-Околу 19 проценти од пациентите не доаѓаат на прегледите кои им се закажани и тоа дополнително го оптоварува системот. Постојано укажуваме и апелираме да откажуваат преку смс или телфонски, сето тоа го имаат и на нашата веб страна мој термин.мк, каде има објасненто како пациент да откаже термин..и се тоа во интерес на некој на кој му треба преглед, вели Жаклина Чагоровска од Управа за електронско здравство.

Од Управата за електронско здравство велат дека најмногу пропуштени термини има во Клиничката болница во Тетово, ГОБ 8-ми септемви и Клиниката за онкологија. Нема податоци дали пациентите заборавиле на прегледите, или, пак, ги реализирале во приватни установи.

За разлика од оние кои не одат на прегледи, според податоците во електронскиот систем, 106 годишна жителка од Скопје е најстариот пациент која минатиот месец имала закажан термин во 8-ми септември. Во системот има 18 пациенти за кои има активен упат а се постари од 100 години.