Македонија
15. March 2018 - 17:07

Заев: Законот за јазици е целосно во согласност со Уставот

Законот за јазиците е уставен и претставува сериозен придонес во концептот за градење на едно општество за сите. Премиерот Заев во видео обраќање кое попладнево го лиферуваше неговиот кабинет вели дека токму за овој концепт, мнозинството граѓани и дале поддршка на неговата влада на последните избори, испраќајќи порака дека никој не може да биде над Уставот.

„Овој Закон е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“. Оваа наша, и европска вредност, ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори.

Таа вредност: Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина.

Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години. Никој не e, и не може да биде над Уставот.

Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите.“ – вели премиерот во своето обраќање

За ВМРО-ДПМНЕ вчерашниот ден во Собранието бил слика на тоа како се гази правото и правната држава. Партискиот лидер уште вчера вечерта на прес конференција најави кривични пријави за Џафери, додавајќи дека овој закон не го признава.

За Социјалистичката партија Законот за јазици е преседан кој ја турка Македонија кон хаос и безредие.

„Социјалистичката партија на Македонија е крајно загрижена за хаосот што секојдневно се создава во Република Македонија со непочитување на Уставот, законите и другите правни акти. Особено загрижува фактот што таквото непочитување доаѓа од законодавниот дом, Собранието на Република Македонија, и од неговиот претседател. Граѓаните на Македонија имаа можност да видат какво насилие беше применето при прогласувањето на Законот за јазиците за усвоен од страна на неуставниот и незаконски избран претседател.“ – стои во писменото соопштение на СПМ.

Собранието вчера со 64 гласа за го донесе Законот за јазиците, по што Талат Џафери веднаш го потпиша и му го испрати на Претседателот Иванов.