Македонија
21. October 2017 - 21:23

Заев: Во 2018 година ќе се донесе нов закон за бенифициран стаж на рударите

Наредната година го носиме законот со кој ќе се регулира бенефицираниот стаж на рударите, затоа што сме левичари и го почитуваме работникот, а рударот е врв на работникот, истакна лидерот на СДСМ и Коалицијата „Живот во Македонија“ Зоран Заев попладнево на митингот во Македонска Каменица.
 
- Кој ли се нема бенифициран стаж во Македонија, а потребата од бенефициран стаж тргна од тешката мака на рударот. Затоа, да знаете дека и таа правда ќе дојде овде и преку бенефициран стаж, рударите полесно и побрзо ќе одат во пензија, а тоа ќе отвори нови работни места на младите луѓе, рече Заев обраќајки се до рударите.
 
Тој се обрати и до младите порачувајќи им дека Владата со економските политики создава услови младите да останат во родните места.
 
- Дојдов да ветам инвестиции, една или две фабрики со триста работни места ја враќаме среќата во Македонска Каменица. Ве увервам дека со економските политики кои ги развивме, од идната година овде ќе се градат фабрики. Сакам на младите да им предочам да мислат да останат овде. Државата  ја отвори младинската гаранција и од октомври достапна е за секој млад човек кој завршил образование, а нема работа. Секој млад човек може да побара работа во која било фирма, државата првата година ќе обезбедува бруто-плата за сите..., порача Заев.
 
Кандидатот за градоначалник на Македонска Каменица од СДСМ, Соња Стаменковска им порача на своите сограѓани дека на 29 октомври за градоначалник добиваат, како што посочи, свој човек, од семејство со исти работни навики, борец за социјални права, за родова еднаквост и рамноправност, човек кој знае да цени и почитува се што вреди, знае и може.