Македонија
17. December 2017 - 8:13

Заев утре на неформален состанок со премиерите од Западен Балкан кај Могерини

Премиерот Зоран Заев заедно со премиерите од земјите од Западен Балкан утревечер во Брисел ќе присуствува на неформален состанок на покана на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини. 

На третиот неформален состанок на премиерите со Могерини ќе стане збор за актуелните настани во регионот и за перспективите за 2018 година, кога на европските партнери во регионот ќе им биде понудена единствена можност да напредуваат на патот на интеграција во Унијата.  

- Европската унија е посветена на засилување на ангажманот кон земјите од регионот со цел да обезбеди шесте држави од Западен Балкан да ги преземат потребните чекори за нивното напредување кон Унијата да стане неповратно, се наведува во соопштението од ЕУ.     

Овој неформален состанок претставува продолжување на разговорите на високата претставничка Могерини со балканските лидери од мај годинава, кога таа, исто така, ги собра на неформална работна вечера. 

Се очекува за време на работната вечера во понеделник да стане збор за стратегијата, која Европската комисија ја подготвува за февруари, а која треба да ги даде насоките за пристапување на Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година, како и за идните чекори што на патот кон ЕУ ги очекуваат Албанија, Македонија, БиХ и Косово.

Пред работната вечера се очекува премиерите од земјите од Западен Балкан да одржат билатерални средби.