Македонија
17. December 2017 - 16:08

Заев утре ќе го достави предлогот за нов министер за здравство

Иако е се поблиску до вратите на Илинденска, Зијадин Села не сака да пресече и да го каже својот конечен став, дали останува дел од Владата на Заев.

Иако беше најавена средба со Заев, Села според неофицијални информации го пролонгирал враќањето од САД за средината на идната недела а Премиерот веќе најави дека предлозите за нови министри на Собранието ќе му ги достави утре.

Во такви услови, извесно е дека Села и Заев воопшто нема да се сретнат пред комплетирањето на владиниот кабинет, што е само уште еден аргумент во прилог на информациите дека Алијансата дефинитивно останува без министер за здравство и таму, најверојатно ќе биде назначен Венко Филипче од СДСМ иако партиски кругови во игра го ставаат и докторот Христијан Костов.

Во изјава за порталот Пост, Села вели дека својата конечна одлука ќе ја донесе кога Владата ќе се засити од ниски игри. Истовремено, лидерот на Алијансата пред дијаспората во САД не штедел критики кон Премиерот Заев замерувајќи му што не се бори против криминалот кај етничките Албанци. 

Сепак, партиски извори велат дека опцијата Села да остане во Владата и натаму е отворена заедно со понудата партијата да го добие вицепремиерско место за реформи и една позиција заменик министер.