Македонија
27. February 2016 - 14:18

Заев: Стабилноста на Македонија зависи од фер и регуларни избори

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев кој денеска во Битола учествуваше на отворена трибина со младите битолчани порача дека СДСМ е подготвен за претстојните парламентарни избори.

Според Заев, сите актери имаат обврска да придонесат за фер, регуларни и демократски избори и затоа како што рече граѓаните сплотени ќе со сочуваат и Уставот за да се спречи обидот на власта да го врати помилувањето за изборни нерегуларности.

- Следуваат многу значајни избори во Република Македонија.  Укинувањето на делови од законот и овозможување да има помилување за изборни нерегуларности што се случиле во минатото, значи да се испрати порака дека секој оној што ќе направи изборен грабеж, повторно ќе може да избегне одговорност. Тоа не смееме да го дозволиме заради тоа што стабилноста на Република Македонија зависи од фер, демократски и регуларни избори. СДСМ посветено стои на своите ставови во борбата за обезбедување на услови за фер и демократски избори. Ние ја подготвуваме партијата и нашето членство и се надеваме дека ќе анимираме голем број на граѓани да се впуштат во процесот на поддршка на опозицијата и смена на власта во Македонија и се надеваме дека тоа ќе се случи на 5 јуни. Ние сме подготвени за избори на 5 јуни, истакна Заев.

На средбата со новинарите во Битола, тој потсети дека обврската за реформи во медиумите согласно Договорот од Пржино се уште не е исполнета и очекува за брзо време квалитетна промена во оваа сфера.

- Медиумите остануваат отворено прашање. Но, знаеме сите дека освен инсистирањето на опозицијата, оваа тема е од интерес и обврска на многу активни чинители во општеството, односно новинарите, медиумите, здруженијата на новинари, на власта, на невладините организации...според Договорот од Пржино и пораките на меѓународната заедница нема кредибилни избори без дорегулација на медиумите. Се надевам дека во наредниот период граѓаните ќе почувствуваат промена на медиумскиот простор во функција на рамномерна застапеност. Поприлично сум убеден дека решението ќе дојде во брз период бидејќи на опозицијата нема да и значи ништо ако се случи одредена квалитативна промена во медиумите но на 5 дена пред изборите. Ние бараме квалитетно и навремено време за претставување на нашата програма, нашите политики,нашите кандидати и само под такви услови граѓаните ќе може да избираат, рече Заев.

За време на престојот во Битола, претседателот на СДСМ Зоран Заев учествуваше на отворена трибина со младите битолчани, членови и симпатизери на таа партија и притоа главен акцент беше ставен на мерките за спречување на миграцијата на младите во странство, програми за нивно враќање во родниот крај, реформи во основното и средното образование и подобар третман на битолскиот Универзитет од страна на државата.