Македонија
26. September 2017 - 8:28

Заев: СДСМ кандидира чесни и искрени луѓе кои обединуваат

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев синоќа на митингот во Битола ги претстави сите кандидати за градоначалници кои ќе учествуваат на претстојните локални избори во Република Македонија.

Заев потсети на владините политики и ефектите во економскиот дел кои, како што рече, ги чувствуваат сите граѓани во Република Македонија.

- Трајно го решивме проблемот на стечајните работници за околу 3.000 лица и нивните семејства. Исправивме една голема неправда и срам. Ги намалуваме трошоците за живот и овозможуваме повеќе пари да останат во сечиј семеен буџет. Ја воведовме младинската гаранција за да ги реализираме идеите од прв приоритет, а тоа се работни места за младите, зборот е збор, рече Заев и потсети дека со еколошките здруженија во Битола и со раководството на ЕЛЕМ веќе почнале активностите на враќањето на еколошката заштита на Битола.

На вечерашниот митинг во Битола премиерот Заев истакна дека кандидатите за градоначалници од СДСМ и коалицијата се луѓе кои ги споделуваат вредностите на Македонија, чесни, искрени и луѓе домаќини. Кандидатите за градоначалници се луѓе кои обединуваат, а меѓу нив и идниот градоначалник на Битола, Наташа Петровска, која пак најави победа во првиот изборен круг, односно на 15 октомври.

- Овие избори, се избори за Битола поинаква, поубава, посреќна! Битола перспективна! Битола за сите! Од овој плоштад потсетувам дека општина Битола е многу повеќе и затоа секаде ќе допрат нашите дела, истакна кандидатот за градоначалник на Битола, Наташа Петровска.

Пред граѓаните на Битола вечерва беа претставени и кандидатите за членови на општнскиот Совет. 

Предизборниот караван на СДСМ денеска, беше и во Ресен и во Демир Хисар.

- Станува јасно дека на 15 октомври заедно ќе ги заокружиме промените што носат живот во Македонија за сите. Од Ресен борбата за живот ја продолжуваме низ секое село, низ секој град, во оваа наша убава Македонија. Нашата Македонија се менува на подобро, тоа го гледаат сите, тоа светот го признава, сите тоа го почувствуваа и нема враќање назад. Се менува Македонија благодарение на вашата силна верба дека ова парче убава земја може да биде достоинствено место  за живот, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев во Ресен.

Новата Влада предводена од СДСМ, како што посочи, е одговорна и домаќинска власт која е свртена кон потребите на граѓаните, достапна, отворена и отчетна.

- Покажавме дека водиме нова политика, политика од збор, рече Заев на вечерашниот митинг во Ресен на промотивниот митинг на кандидатот за градоначалник и идни советници на оваа општина.