Македонија
21. November 2016 - 15:16

Заев пред младите ја презентира програмата „План за живот“

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска пред младите во Скопје ја презентира програмата „План за живот“.

- Просечна плата од 500 евра, грантови од 10.000 евра за започнување бизнис, бесплатен деловен простор за сите старт-ап компании и евтини кредити со еден отсто камата до 15.000 евра, 140 милиони евра директна помош за домашните компании за отворање нови работни места,.. се само дел од програмата, рече Заев на Дебатата за маладинска гаранција што се одржа на Скопски саем.

Посочи дека програмата „План за живот“ е на 263 страници и испечатена во 100.000 примероци.

- Достапност до евтини кредити со еден отсто каматна стапка во вкупна вредност до 15.000 евра, тоа се мерки коишто ќе овозможат на младите дополнително да имаат опции за стимул да растат во бизнисот, а тие да бидат храбри донесувачи на одлуките и секако за секој старт-ап бесплатен деловен простор каде ќе имаат обезбедено сметководствени услуги, архивирање, сето она што значи одржување на самите системи и компании коишто ќе бидат во зародиш и коишто ќе се создаваат, рече Заев.

Најави дека секој бизнисмен кој ќе отвори работно место за млад човек, помлад од 32 години ќе добие 10 отсто повеќе од тоа што го следува по закон како стимулација.