Македонија
9. December 2017 - 17:17

Заев побара од граѓаните да пријавуваат корупција

Премиерот Заев ги повика граѓаните активно да се вклучат во борбата против корупцијата и да го пријават секој случај на корупција без страв дека ќе се соочат со последици. Во обраќањето по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата, Заев порача дека никој нема да биде изземен од одговорност, бидејќи власта ја превзеде обврската во Македонија да владее правото.

„Само така, заедно и пркосно, ќе креираме успешни политики и ќе поставиме темели за постабилна, економска и правична иднина за сите граѓани на Република Македонија. Од успехот на борбата против корупција, зависи успехот на нашата држава.

Почитувани сограѓани, во вашиот глас ја добивме најодговорната функција, да раководиме со оваа држава. Реформата е во тек и се интензивира. Промените во Република Македонија значат заложби за професионални институции и обезбедување права и слободи за секој човек. Со промените градиме едно и единствено општество во кое нема место за корупција“ рече премиерот Зоран Заев.

Македонија минатата година забележа пад од 24 места според степенот на корупција во земјата, сепак расте перцепцијата кај граѓаните за нејзино постоење. Ова го покажува последниот извештај на Транспаренси интернешанал, во кој помеѓу 176 земји Македонија е рангирана на 90 место.

Искуствата на граѓаните во соочување со корупцијата се различни. Дел велат дека и покрај тоа што не се соочиле со ваков проблем веруваат во механизмите на државата, додека оние кои навистина биле сведоци на корупција од разни причини не се осмелиле да ја пријават.    

Со цел полесно справување со корупција, веќе неколку години најголемиот број од државните институции на своите интернет страници имаат посебна телефонска линија на која граѓаните анонимно можат да пријават нерегуларности. Но нема официјални податоци колку граѓаните пријавуваат корупција.