Македонија
20. September 2016 - 12:17

Заев-Пломп: Неопходен е регуларен предизборен и изборен процес

Претседателот на СДСМ Зоран Заев и холандскиот амбасадор во Македонија Ваутер Пломп на денешната средба разговарале за неопходноста од регуларен предизборен и изборен процес.

Како што соопшти СДСМ, на средбата станало збор и за Програмата на СДСМ којашто содржи мерки за надминување на економско – социјалните проблеми во Македонија.

- Европската унија бара да види добар и фер натпревар на изборите во декември, порачал холандскиот дипломат. Тој посочил дека само со демократски развој Македонија може да ја заслужи поддршката од ЕУ.

Заев соопштил дека сите активности на СДСМ се насочени кон организирање и спроведување фер и регуларни избори. 

- Одиме чекор понатаму бидејќи сме уверени дека на таквите избори СДСМ ќе ја добие довербата од граѓаните да ја води државата. Во таа насока партијата се отвори за соработка со сите поединци интелектуалци, граѓански организации, политички партии, истакнал Заев.

СДСМ, како што посочил, планира по престојниот партиски Конгрес да се обврзе и на точни рокови за реализација на препораките на Прибе, за како што додал, да се одблокираат и евроинтеграциите.