Македонија
7. October 2015 - 14:18

Заев очекува да биде повлечен законот необјавување на прислушувани разговори

Предлог-законот за необјавување на аудио снимки од прислушувани разговори на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше комплетно изненадување и за нас и за странците. Очекувам денеска законот да биде повлечен, изјави петседателот на СДСМ, Зоран Заев пред почетокот на денешната централна дебата од проектот „Визијата за Македонија“, која се одржува во просториите на Скопски саем.

На новинарско прашање зошто токму вчера беше објавен Предлог-законот на прес-конференција, според Заев, нема рационално објаснување зошто се постапува на ваков начин.

- За мене ова е глупирање и на штета на граѓаните. Се наоѓаат милион начини како да се купи време плус, да се заобиколат важните теми, нема рационално објаснување зошто се постапува на ваков начин, изјави Заев.

Тој оцени дека законското решение е катастрофално, во него има цензура, недозволени работи кои што, подвлече, не постојат ни во најстрогите режими.

- Ние не бегаме од која било тема што е важна за Република Македонија, пред се за граѓаните и подготвени сме во наредниот период да дискутираме, без притоа да ги загрозиме веќе дефинираните приоритети. До 15-ти да завршиме со медиумите, до 20-ти со техничката влада, а ваквото донесување на закон кој има амбиција да се избрише дури и колективната меморија на граѓаните е катастрофално, рече Заев.

Претседателот на СДСМ потенцира дека нивниот став е идното објавување на материјали да биде регулирано со закон, бидејќи, како што рече, во тајните служби има тројно повеќе материјали од она што партијата го поседува. 

- Точно е дека порано се разговараше на работните групи за во идниот период кога ќе дојде темата за правосудството да биде регулирана и оваа материја, од причина што можно е во иднина да има злоупотреба на приватноста на разговорите на граѓаните пред се, појасни меѓу другото Заев.

Прашан за тврдењето од страна на Талат Џафери дека вчера поднесениот предлог-закон  бил доставен до СДСМ пред 20 дена, Заев изјави дека „Џафери бесрамно лаже“. 

- Може да ме демантира. На крајот, постои и неутрална страна како амбасадорот Бејли, амбасадорот Орав и господинот Питер Ван Хауте, кои може да кажат што навистина било, рече Заев.

Во однос на преговорите на работните групи, тој очекува денеска да биде постигнат договор за изборната регулатива. По барање на новинарите информираше дека синоќа разговорите почнале 25 минути пред полноќ, а од партиските лидери на разговорите на повеќе теми од изборниот законик, биле присутни тој и Мендух Тачи. 

- Отворени се сите важни прашања, како прочистување на избирачкиот список, гласањето на дијаспората, регулацијата на медиумите, буџетот на партиите, финансирање на партиите, застапеноста на обата пола. Има одреден напредок во некои потточки од законот, но ниедна точка нема заокружено, изјави Заев.

На прашање какви се позициите на СДСМ во овие преговори, Заев истакна дека нивните ставови се принципиелни и во согласност со демократските вредности.

- Мора да се направи прочистување на избирачкиот список за да добиеме список во кој граѓаните ќе имаат доверба. Дијаспората мора да гласа, ние нудиме и формирање министерство за дијаспора. Нашиот предлог е цензусот да биде 80 осто од просечниот број на гласови или пак гласовите на иселениците да се прелеат во матичната изборна единица. СДСМ бара и цензусот за жените да биде 40 отсто, да нема донации од медиуми за партиите и блиските фирми, како и да нема донации од трети лица, односно како досега, на пример, 1.200 луѓе да донираат по  1.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ, појасни Заев.