Македонија
3. January 2017 - 17:27

Заев не се сретнал ниту со амбасадорот, ниту со конзул, туку со невработен кореспондент во италијанската амбасада

Сопственик на центар за странски јазици од Струмица беше причина за одложување на последното рочиште во случајот Поткуп. По неколку обиди за манипулација од СДСМ конечно најдоа човек кој би можел да потврди дека Заев имал средба со некое лице кои е поврзано со италијанската амбасада.

Адвокатите на лидерот на СДСМ првично во судницата на скопскиот кривичен суд тврдеа дека Заев е на средба со италијанскиот амбасадор. Веста ја пренесоа сите медиуми, вклучувајќи ги и оние кои се под директна контрола на опозицијата.

Кога ваквата информација стигна до итлијанската амбасада, амбасадорот Карло Ромео на Твитер напиша дека средба меѓу него и Заев немало. Во обид да се извлече од манипулациите, СДСМ испрати соопштение во кое напиша дека Заев немал средба со амбасадорот туку со италијанскиот конзул.

За скандалот да биде уште поголем, од италијанската амбасада во писмо испратено до весникот Дневник повторно го демантираа СДСМ, тврдејќи  дека тие воопшто немаат конзул во својата дипломатска мисија во Македонија туку двајца конзуларни коресподенти, кои воопшто не се вработени во амбасадата и немаат никакви дипломатски привилегии туку работат како доброволци без паричен надомест и помагаат најчесто во превод на документи при барања за работни визи и подолг престој.

Еден од нив е и сопственикот на центар за странски јазици во Струмица, Стојан Витанов, со кој лидерот на СДСМ, Зоран Заев наводно имал средба баш на денот на судењето за случајот во кој е обвинет за поткуп од 200.000 евра.

Сител денеска се обиде да стапи во контакт со Витанов но тој не одговараше на нашите телефонски повици, па без одговор остана прашањето, која беше таа толку важна тема која не можеше да почека да заврши судењето.

Согласно законот, секој кој е обвинет е должен да се јави пред судот, а во спротивно, ќе биде приведен и присилно донесен во судница. Оправдувањето на Заев дека бил на средба со извесен конзуларен претставник е исто како секое обвинето лице да се оправдува дека не се појавило на судење поради тоа што имало неодложна партија шах со најблискиот сосед.

Одложувањето не е ништо ново во стратегијата на Заев. Случајот Поткуп досега се одложуваше 6 пати, а случајот Пуч во кој Заев исто така е обвинет дури 10 пати. Причините беа најразлични. Од свадби и домашни веселби на обвинителката Катица Јанева па се до средби со амбасадори, болест и дефекти на автомобилите на адвокатите.

Во случајот Поткуп, лидерот на СДСМ беше обвинет откако целата јавност виде како од струмички бизнисмен бара поткуп од 200.000 евра.