Македонија
19. January 2018 - 16:37

Заев не открива детали но е оптимист за решавање на спорот за името - Мицкоски: Владата е нетранспарентна

Заев и Ципрас ќе се сретнат на 24 јануари во Девос, потврди денеска македонскиот премиер. Средбата доаѓа само по неколку дена од последниот состанок на преговарачите Васко Наумовски и  Адамантиос Василакис во Њујорк на кој медијаторот Метју Нимиц даде и предлози за решение во спорот за името. Тој е оптимист дека може да се постигне решение при што ќе биде сочувано достоинството на двете страни. За коментарот на Наумовски дека предлозите биле недостоинствени за македонската страна Заев вели дека се работи за личен став и дека секој може да коментира слободно.

Сепак, македонскиот премиер вели дека не е добро да се откриваат детали од процесот кој очекува да се заврши со национален консензус.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хртистијан Мицкоски, пак, вели дека дури и по последната рунда на преговори со Нимиц, се уште најголемата опозициска партија нема детали за преговорите поради што и не може да се изјасни дали за нив нешто е прифатливо или не.

- Владата го држи процесот нетранспарентен, а ние не сакаме да се доведеме во ситуација да коментираме хипотетички ситуации, особено не за вака важни и чувствителни теми. Нашиот став, поврзан со евентуалната промена на нашиот Устав, а со цел промена на нашето уставно име е јасен и по тоа прашање тој е непроменет. Ги охрабруваме владите на Република Македонија и Република Грција да изнајдат достоинствено решение кое не би го нарушило македонскиот национален идентитет и конечно да се стави крај на ова прашање.

Мицкоски потврдува партискиот став за референдум, но дали тој би успеал или не, вели дека зависи од многу фактори.