Македонија
26. July 2017 - 14:55

Заев на средба со претставници на УНИЦЕФ

Премиерот на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со делегацијата на УНИЦЕФ, предводена од Бенџамин Перкс.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата премиерот ги запознал гостите од УНИЦЕФ со реформските определби и владините приоритети за подобрување на состојбата со човековите права и правата на децата во Република Македонија.

На средбата било констатирано дека овие прашања имаат одговор во заедничката соработка меѓу институциите на Република Македонија и УНИЦЕФ, исто како и за предизвиците со кои се соочуваат децата од ранливите категории во образовниот систем.

- Чест и задоволство е да го имаме УНИЦЕФ како партнер, порачал премиерот Заев и ги поканил претставниците на фондацијата за деца на Обединетите нации, со свои коментари, предлози и проекти, да бидат соработници на Владата во успешното справување со предизвиците за подобрување на условите за живот и развој на сите деца без исклучок во Република Македонија.