Македонија
21. July 2017 - 11:22

Заев на средба со градоначалниците на Охрид и Струга

Вратите на Владата на Република Македонија се отворени за сите општини и во прв план на актуелната Влада е интересот и решавањето на проблемите на граѓаните во сите општини, без разлика на тоа која политичка партија е на чело на локалната самоуправа, порача премиерот Зоран Заев на вчерашната средба со градоначалниците на Струга и Охрид, Мустафа Забзун и Никола Бакрачески, во придружба на нивните најблиски соработници.

На средбите, информираат денеска од владината прес-служба, на кои присуствуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски градоначалниците на Струга и Охрид изразиле голема благодарност до премиерот Заев, кој, на негова иницијатива, ги покани првите луѓе на двете општини за да разговараат и да најдат решенија за проблемите со кои се соочуваат овие два града, во интерес на граѓаните.

- Еден од заедничките проблеми за кои стана збор на оваа средба се проблемите во финансиското работење на двете единици на локална самоуправа кои се соочуваат со хроничното блокирање на сметките на општините, заради долговите кои се создадени од повеќе причини. Во најголема мерка долговите на Охрид и Струга произлегуваат од кумулираните обврски заради ненавременото подмирување на кредитот од Европската банка за обнова и развој, кој во 1998 година го договори тогашното Министерство за трговија за изградбата на колекторот за прочистување на Охридското Езеро, а кое потоа отплатата на овој кредит им го префрли на општините, се вели во соопштението од Владата.

Се додава дека премиерот Заев, кој соопшти дека е детално запознаен со овој проблем, покажал особен интерес и иницијатива за пронаоѓање решение за овие  прашања на двете општини.

- Во отворената дебата за овие ситуации, во која активно се вклучи и министерот Тевдовски, беа разгледани повеќе опции како излезни решенија, кои во исто време ќе бидат и трајни и нема да создаваат последици за нови задолжувања. Претседателот на Владата на Република Македонија изрази подготвеност овие проблеми да се решат многу бргу за да можат двете општини да се растоварат од ова прашање и за да можат без финансиски хипотеки да ги спроведуваат развојните политики за кои и двата града имаат сериозни потенцијали, се потенцира во соопштението од Владата.

Премиерот Заев на двете средби ја најавил подготвеноста на Владата да најде решение управувањето на колекторот за прочистување на Охридското Езеро да биде изземено од надлежноста на општините, бидејки, како што рекол, грижата за ова природно богатство заштитено со УНЕСКО, повеќе не смее да биде препуштено на ризиците од загадување. Покрај тоа што едно такво решение ќе го олесни работењето на општините Струга и Охрид, премиерот соопштил дека ќе биде подготвен детален проект за негова реконструкција и доградба, за трајна заштита на водите на Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид, Бакрачевски, изразувајки ја уште еднаш неговата благодарност за исклучително конструктивната поддршка и разбирање на премиерот Заев, замолил за асистенција на Владата и во поглед на решавање на прашањето на регионалната депонија за отпад. Ова исто прашање беше од интерес и на општинската делегација од Струга. Премиреот Заев истакнал дека и ова прашање е од врвен приоритет како придонес на Владата за поддршка во решавањето на проблемите на единиците на локалната самоуправа, во интерес на граѓаните. Тој соопштил дека, како интервентни, ќе бидат преземени краткорочни мерки, кои ќе бидат само прва фаза од трајното решавање на овој проблем, за кој, како што рекол, Владата интензивно е во потрага по најдобра солуција, не само за Охрид и Струга, туку за сите плански региони.

- Премиерот Заев на двете повеќечасовни средби, прифати во најкус можен рок Владата и надлежните мнистерства да ги разгледаат информациите за други важни прашања од животот на граѓаните во Охрид и Струга, како и за функционирањето на двете локални администрации, се нагласува во соопштението од Владата.

Тој нагласил дека очекува предлози за решенија од раководството на двете самоуправи, бидејки, како што рекол, тие најдобро ги знаат проблемите. Ветил дека на тие информации и предлози со решенија ќе им биде пристапено одговорно и дека ќе бидат земени предвид, доколку се во согласност со законските надлежности на Владата на Република Македонија.