Македонија
24. February 2016 - 8:27

Заев: Мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори

Претседателот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција по полноќ изјави дека во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори. 

- На фер избори СДСМ ќе ја преземе одговорноста којашто ќе и ја дадат граѓаните. Промените доаѓаат на слободни, фер и демократски избори, на коишто ќе победат граѓаните, СДСМ и европските вредности, рече Заев.

Тој смета дека мора да се избере нова влада, со полн легитимитет, за решавање на, како што рече, сериозните проблеми и враќање на Македонија на европскиот пат.

- Потврдата од ЕУ и САД, меѓународните гаранти на Договорот од Пржино дека не се исполнети условите за фер избори и одложената одлука за Резолуцијата во Европскиот Парламент покажуваат колку само слободните избори се значајни за иднината на Македонија, истакна Заев.

Според него, изборите треба да бидат  со прочистен избирачки список и реформи за слободни медиуми на кои сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат. 

- Со кршење на Договорот од Пржино, одбивање на реформите за слободни медиуми и прочистувањето на Избирачкиот список, ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ја втурнат Македонија во драматична криза, додаде Заев, истакнувајќи дека „ништо повеќе не зависи од Никола Груевски“.