Бизнис
11. October 2017 - 19:04

Заев: Меморандумот за разбирање со Југохром нуди решенија за сите засегнати страни

Со Меморандумот за разбирање што Владата треба да го потпише со Југохром, комбинатот на пролет ќе може да го рестартира производството, откако ќе ги исполни еколошките критериуми, работниците ќе се вратат на работа, а ќе бидат задоволени и барањата на еколошките здруженија, изјави денеска премиерот Зоран Заев.  

- Сопственикот и капитал факторот директно испорачаа гаранција преку менични гаранции и сето она што претставува финална гаранција за набавка и вградување на филтрите на Југохром. Работниците прифатија веднаш со вградувањето на филтрите сите да се вратат на работа и тоа е дел на договорот меѓу нив. Еколошките и граѓанските здруженија се задоволни заради тоа што нема да стартува Југохром пред да се вградат филтрите, а државата си ја зеде обврската да ја даде А-еколошки интегрираната дозвола за Југохром. Со тоа постигаме вин вин ситуација за сите. Конечно граѓаните веќе нема да имаат загадување ни од Југохром, ни од Тетово, работниците знаат дека на пролет ќе се вратат на работа, газдата веќе има сигурна гаранција дека ќе ја добие еколошката дозвола и обезбедените се парите за да може Југохром да се стави во полн капацитет. Се надевам во март, април или мај следната пролет целосно во функција, рече Заев.

Прашан дали ова прашање се користи како предизборен маркетинг, Заев истакна дека Владата работи на сето она што претставува обврска и оти за сработеното информира согласно транспарентноста во работењето како императив, а дали е изборен маркетинг ќе проценат граѓаните, вели Заев кој денска потпиша Меморандум за разбирање со еснафот на Старата скопска чаршија.