Македонија
17. October 2017 - 9:13

Заев: Културните врски со Италија се пример како треба да се соработува

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, синоќа имаше обраќање на свеченоста по повод отворањето на манифестацијата „Недела на италијанскиот јазик и култура“, која оваа година се одржува по 17 пат, соопшти владината прес-служба.

Заев истакна дека „Неделата на италијанскиот јазик и култура во светот“, е настан кој со својата програма претставува уште еден мост на соработка меѓу двете исклучително пријателски земји, Република Италија и Република Македонија.

- Италија е една од неколкуте земји во светот, што на човештвото му подарија многу од најзначајните културни артефакти и вредности. Низ историјата на нашата цивилизација нема ниту една генерација која не била инспирирана од бесценетата и исклучително богата културна ризница на Италија, рече Заев.

Македонија и Италија, како што посочи, редовно потпишуваат програми за соработка во областа на културата, образованието и науката. Континуираната билатерална соработка, додаде Заев, е потврда дека Македонија и Италија, како наш голем пријател и поддржувач, негуваат одлични односи и исклучителна соработка во областа на културата, науката и образованието.

Република Македонија секоја година, во рамките на чествувањето на Свети Кирил во Рим, има свои денови за презентација на македонската култура и традиција, a во изминативе години имавме впечатливи претставувања и на Биеналето на уметноста и на архитектурата во Венеција, воспоставивме креативна соработка во сферата на филмот, рче македонскиот премиер.

Заев италијанска недела

Во контекст на документарниот филм „Трст, Југославија”, штто беше прикажан синоќа, а кој говори за улогата на градот Трст, односно на Италија, како „порта” кон Западот за поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Заев рече дека овој италијански град и денеска за Македонија и за другите земји од регионот има посебно значење.

- Ова лето Италија и градот Трст, беа домаќини на Самитот на земјите на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. За мене беше тоа беше Самит на обединување, на подавање рака за надминување на недоразбирањата, и вртење нов лист во современата историја на Западен Балкан. Од Самитот во Трст наваму испишуваме нова историја за земјите од регионот, нагласи премиерот Зоран Заев на отворањето на „Недела на италијанскиот јазик и култура“.