Македонија
6. December 2016 - 21:31

Заев: Имаме одлични регулативи, треба само да се применуваат

Македонија има одличен европски либерален Устав, одлична законска регулатива, регулатива по однос на правата на сите граѓани кои треба само да се применуваат. Ништо повеќе  и ништо помалку, порача лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа за пратеници на ИЕ 4 Зоран Заев на вечерашниот митинг во Крива Паланка.

Во обраќањето пред кривопаланчани рече дека Македонија ќе биде мајка на сите и заедно сплотени ќе го вратат животот во Македонија по 11 декември.

- Знаете ли што бараат Албанците од Заев, повеќе пари во секое семејство, подобро здраство, подобри училишта, повеќе работни места за младите, рече Заев.

Дополни дека од нив Албанците го бараат тоа што го бара секој граѓанин, Македонец, Турчин и останати. На сите, а посебно на работниците им порача дека на 11 декември одлучуваат за нивната егзистенција и повисоки плати и повика да изберат живот.

- Се обврзуваме дека  минималната плата во април 2017 ќе ја качиме на 12 илјади денари,  а до крајот на мандатот ќе изнесува 16 илјади денари. Кога ќе порасне минималната плата ќе се твори спиралата на покачување и на другите плати. Државата преку буџетот ќе им помогне на домашните претпријатија. Нашата цел е просечна плата во Македонија од 30 илјади денари, рече Заев.

На митигнот се обрати и носителот на кандидатската листа за ИЕ 3 од СДСМ и Колицијата Љупчо Николовски кој рече дека Планот за живот се темели на солидарност и секој човек е важен.

- Трајно ќе го решеме проблемот на стечајните работници. Ќе воведеме програма за минимален доход во секое четиричлено семејство кое доколку нема никаков приход ќе добие 12 илади денари месечно од државата, речеНиколовски.

Ќе ги поддржиме, посочи, домашните фирми со 160 илјади денари за вработување на граѓани од најзагрозените семејства, ќе го намалиме работното време за повозрасните, за жени над 60 и мажи над 62 години работното време ќе биде 6 работни часа, а ќе примаат полна плата.