Македонија
14. February 2018 - 18:03

Заев: Имаме договор за три од седум точки во преговорите со Грција

Владата неоткрива детали од последната рунда на повеќечасовните преговори на министрите Димитров и Коѕијас, со посредство на медијаторот Нимиц, што вчера се одржа во Виена.
 
Премиерот Заев сепак вели дека суштински се отворени сите прашања и дека е постигнат напредок во приближувањето во дел од позициите на двете земји
 
,,Ако тргнеме од некои 7 позиции кои што беа појдовните точки на разговорите знам дека тоа е веќе намалено на 4 позиции, 3 се отклонети. Веројатно тие беа најлесните. Но, добро е, сигнал е, охрабрување е за нас, охрабрување е за грчката страна дека е можно. Дека е можно да се изнајде решение. Секако суштинските позиции се многу значајни Името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои што таму се спомнуваат‘‘.
 
Заев е оптимист дека во следниот период е можно решение, и покрај пораките за грчките црвени линии, односно со секој следен чекор ќе се приближуваат во останатите отворени прашања.
 
Премиерот потенцира дека достоинството и идентитетот се многу важни за македонската страна, коментирајќи ги барањата за промена на уставот. Тој уште еднаш потврди дека географската одредница е прифатлива за Македонија.
 
,,Знаете дека се спомнуваат неколку имиња. Тоа значи дека за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отклонуваме сите други кои што беа временска одредница некои други укажувања што доаѓаат како предлози‘‘, изјави Заев.
 
Заев потврди дека шефовиоте на дипломатиите ќе бидат во Софија, но дека нема да преговараат за името. Тоа ќе се случи на следната рунда со посредство на медијаторот Нимиц.
 
Во грчките медиуми, исто така не се откриваат повеќе детали од вчерашните преговори.
 
Весниците ,,Катимерини‘‘ и ,,Авги‘‘пишуваат дека Коѕијас во Виена не му ја доставил на Димитров нацрт-спогодбата како основа за дијалог, во која освен решавање на спорот за името би се регулирале идните односи меѓу двете земји. Претходно беше информирано дека Коѕијас би сакал истата да ја донесе во Скопје со специјален лет, веднаш што ќе биде преименуван аеродромот Александар Велики.
 
,,Претпоставка, сепак, е дека разговорите веќе се навлезени во суштината и на маса биле сите прашања – лесните, разбирливите и трнливите‘‘, пишува весникот „Авги“.
 
„Грција, од своја страна, изрази интерес да продолжат контактите се додека Скопје и Атина не стигнат до заеднички текст, односно т.н. спогодба, што ја предлага Коѕијас како основа за разговори. На тет а тет вечерата министрите, разговараа за суштината и за процедуралните прашања‘‘, додава „Катимерини“.