Македонија
1. September 2017 - 14:12

Заев и Дивјак-Томиќ: Постои искрено пријателство меѓу Македонија и Србија

Премиерот Зоран Заев, претпладнево се сретна со амбасадорката на Република Србија во Република Македонија Душанка Дивјак – Томиќ, На средбата, како што соопшти владината прес-служба, заеднички е оценето дека постои искрено пријателство  меѓу двете држави и постојат реални основи за продлабочување на односите меѓу двете пријателски земји.

- Владата на Република Македонија е определена да развива доброседски односи и низ прокативната улога во регионалата соработка да придонесе кон евро-атлантските перспективи на целиот регион. Република Србија е традиционален пријател на Република Македонија и насочени сме само кон позитивни односи што ќе придонесат и во билатералните односи и на регионален план, рече премиерот Заев.

Српската амбасадорка Дивјак – Томиќ изрази благодарност за конструктивноста на премиерот Заев во унапредувањето на соработката помеѓу Македонија и Србија, за што се веќе договорени официјална посета на премиерот Заев на Србија, заеднички состанок на двете влади, конкретни чекори во областа на економијата, како  и за неговите заложби, потврдени и во телефонскиот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ,  низ искрен и отворен пристап да се решаваат сите отворени прашања.

- Пренесувам позитивна и конструктивна атмосфера од Србија за натамошна блиска соработка.  Исто така пренесувам и благодарност за поддршката од Владата на Македонија, седиштето на Транспортната заедница да биде во Белград. Тоа што генералниот секретар на Транспортната заедница е од Република Македонија е само потврда за определбата од двете страни, за негување и развивање на нашите пријателските односи, рече амбасадорката Дивјак – Томиќ.

На средбата е констатирано дека двете држави имаат интерес да ги следат европските тенденции во демократскиот и економскиот развој. Премиерот Заев објасни што прави новата Влада на тој пат, преку реформскиот План 3-6-9 којшто, економските модели за олеснувања на граѓаните, заедно со добрите односи со сите соседи што треба да и овозможи на Македонија исчекори во европските и НАТО аспирациите.

- Има причини Македонија да направи чекори напред во ЕУ и НАТО интеграциите и очекуваме тоа да се случи, рече премиерот Заев.

На средбата на претседателот на Владата, Заев и српската амбасадорка Дивјак – Томиќ е договорено да се направи рекапитулар на потпишаните, а досега нереализирани документи за соработка помеѓу двете држави и да се пристапи кон нивна скорешна имплементација. 

Исто така се разговараше и за можноста за интензивирање на соработката меѓу на државите на општинско ниво, што може значително да придонесе во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на двете земји.