Македонија
16. January 2018 - 16:14

Заев и Борисов ја поздравија ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија

Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија гарантира стабилна основа за соработка и долгорочни пријателски односи меѓу двете дрѓжави, констатирале премиерите Заев и Борисов, кои телефонски раговарале по ратификацијата во македонскиот Парламент.

- Во телефонскиот разговор Борисов и Заев беа едногласни дека Договорот гарантира одржливо градење на пријателски односи меѓу Бугарија и Македонија и е стабилна основа за соработка во регионот втемелена на европските вредности, стои во соопштението од кабинетот на Борисов.

Заев, како што се посочува, му посакал успех на Борисов за време на бугарското претседателство со Европската Унија.

Ратификацијата на Договорот вчера ја поздрави и  еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

-Тоа е важен чекор во вистинска насока на патот на земјата кон ЕУ. Договорот е исто така пресвртница во добрососедските односи за целиот регион на Западен Балкан, напиша Хан на Твитер.

Во поддршка на договорот се приклучи и европратеникот Едвард Кукан, дел од европската тројка посредници во решавањето на политичката криза во Македонија.

Добри вести од македонското Собрание каде е ратификуван Договорот за пријателство со Бугарија. Позитивен чекор напред, кој се надевам дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка, напиша Кукан на „Твитер“.

Во домашната јавност, опозицијата и денеска оценува дека овој договор е на штета на македонските национални интереси. ВМРО ДПМНЕ смета дека односите со Бугарија треба да се продлабочуваат, но на економски и технолошки план.

Договорот за добрососедство беше ратификуван вчера на денот кога во 1992 година Бугарија прва ја призна независноста на Македонија.

До крајот на месецот се очекува договорот да го ратификува и бугарскиот парламент.