Македонија
18. July 2017 - 16:07

Заев: Договорот со Бугарија е основа за добрососедство, наша желба е да го потпишеме

Претседателот на Владата Зоран Заев по завршувањето на затворената седница на собраниската Комисија за надворешна политика на која го презентираше Нацрт-договорот за добрососедство со Бугарија рече дека состанокот бил консултативен и можност тој и неговите советници да добијат сугестии од власта и опозицијата во Парламентот во врска со овој документ.

Сугестиите, што тој како преговарач на Република Македонија ги добил, како што кажа, ќе бидат земени предвид и оти тој се уште е отворен за надградување.

– Наша желба е да го потпишеме договорот. Досега имаме одлична база за компромис помеѓу двете земји. Конечен договор ќе има со негова ратификација во Парламентот, рече премиерот.

Успехот од евентуалното постигнување на договорот, истакна Заев, ќе биде заеднички и национален. - Успехот ќе биде на сите граѓани и на сите влади досега и претходно. Процесот е започнат и воден од претходната влада, а ние го финализираме, посочи тој. Ги повика ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии да продолжат да учествуваат во консултациите и да дадат поддршка на овој договор.  

Според него, договорот е основа за добрососедство и пријателство, двете држави во иднина ќе работат поблиску за взаемен успех, а договорот е добар за националните интереси на Република Македонија.

– Со договорот Владата на РМ уште еднаш ја афирмира посебноста на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Во договорот нема дилеми дека се работи за две држави, два народи, два јазика. Со договорот се отвораат нови перспективи  на соработка со соседите и забрзување на процесот на интеграции во Европската унија и НАТО. Со потпишување на договорот ние стануваме пример за соработка во ЈИЕ, рече Заев.

Договорот, како што кажа, ќе помогне за поврзување во патната и гасната инфраструктура помеѓу Македонија и Бугарија, ќе се унапредат размената на стоки, услуги и капитал. - Ќе се даде јак импулс на изградба на Коридорот 8 за што на Самитот во Трст Македонија доби грант од 70 милиони евра, рече Заев додавајќи дека исто така ќе има царински и гранични олеснувања. Постоечките гранични премини ќе се реновираат, а македонската Влада, како што рече, ќе бара и нов граничен премин кај Берово.

– Заедно ќе ја спречуваме недобронамерната пропаганда внатре во државите, заедно ќе бидеме против говорот на омраза и заедно ќе го поразиме национализамот. Република Бугарија цврсто го поддржува приемот на Република Македонија во ЕУ и во НАТО без да не условува на решавање на спорот со името. Ќе ни ги пренесе сите искуства со ЕУ интеграциите особено во делот на прибирање на средствата, изјави Заев.

Премиерот очекува и би сакал договорот да биде потпишан за време на возвратната посета на бугарските претставници на Македонија на 1 август. На 2 август Македонија и Црна Гора се копретседавачи на состанокот на земјите од Јадранската повелба, каде ќе присуствува и потпретседателот на САД Мајк Пенс.