Македонија
6. February 2016 - 17:27

Заев: Без регулација на медиумите и пречистен избирачки список нема фер и демократски избори

Без регулација на медиумите и без прочистен избирачки список нема да има фер и демократски избори, порача лидерот на опозицијата Зоран Заев од денешната прес конференција во Струмица.  Според Заев Никола Груевски и ВМРО  ДПМНЕ не сакаат слободни медиуми, нивната цел била контролирали и зависни медиуми за контролирани граѓани. За разлика од нив клучните цели на Социјалдемократскиот сојуз  на Македонија биле слободни и независни медиуми.

,, Затоа со промена на власта Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе им гарантира на новинарите слобода  да истражуваат и информираат за сите случувања во државата заштитени од било какви притисоци. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе обезбеди почитување на новинарската професија и слобода за изнесување на различни ставови. Одговорен уредник на медиумите во државата нема да биде владата и владеачките партии, радиодифузерите ќе добијат еднаков третман во насока на развивање на здрава конкуренција меѓу медиумските куќи.  Македонската радио телевизија ослободена од  политички и други влијанија ќе ја остварува улогата на вистински јавен сервис целосно независен, непристрасен и професионален како силен идентитетски столб.,, рече Зоран Заев – претседател на СДСМ

Заев најави укинување на радиодифузната такса,но и обврска   носителите на власта редовно  да се појавуваат на јавни дебати и соочување со опозицијата во медиумите.  Целта на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија била на тој начин да се создаде медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните.