Македонија
4. September 2015 - 12:23

Заеднички отворени денови на Катастарот и Управата за имотно правни работи

Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за имотно правни работи ќе организираат заеднички отворени денови со цел граѓаните да можат на едно место да прашаат за нивните проблеми и доколку ги имаат потребните документи проблемот да се реши веднаш.

Ова го посочија директорите на Агенцијата и на Управата, Славче Трпевски и Зоран Крстаноски, на денешната прес-конфернција на која прецизираа дека задничките отворени денови ќе почнат на 15 септември годинава, а планирано е да траат до 15 февруари следната година.

- Заедничките отворени денови ќе почнат во Прилеп и Битола на 15 и 16 септември, а ќе продолжат во Дебар и Кичево на 22 септември. За граѓаните на општините Карпош, Ѓорче Петров и Сарај отворените денови традиционално ќе траат една недела, односно од 28 септември до 2 октомври. Отворени денови ќе има и во сите 30 подрачни оделенија на Катастарот и Управата, рече Трпевски.

Тој посочи дека новина е што годинава стручни тимови на Аггенцијата за катастар на недвижности на барање на граѓаните ќе посетуваат и помали населени места и месни заедници.

- Таков интерес веќе произлезе од вчерашната посета на премиерот Никола Груевски во општина Сарај од страна на жителите на населеното место Љубин. Ние денеска во 12 часот со наши стручни тимови ќе бидеме во ова населено место  за да ги видими проблемите на граѓаните и да изнајдеме соодветно решение, рече Трпевски.

Посочи дека благодарение на отворените денови на Катастарот и информациите кои ги добиле на нив директно од граѓаните се направени неколку подобрувања на Законот за катастар на недвижности и подзаконските акти со цел полесно остварување на правото на сопственост.

Агенцијата, нагласи, веќе осма година ги спроведува отворените денови за граѓаните, а лани, како што рече, биле примени 2.864 граѓани од кои на 290 веднаш им бил решен проблемот, а останатите добиле стручна помош и насоки кои документи треба да ги докомплетираат за да бидат запишани во катастарот на недвижности.