Македонија
28. April 2017 - 21:23

„За заедничка Македонија“ не се откажува од барањето за нови избори

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ од пред Канцеларијата на Европската унија во Скопје вечерва порача дека нема да се откаже од барањето за нови избори на кои народот ќе реши кому ќе му го даде легитимитетот да управува со државата.

- Шеесет дена во мирни протести низ Македонија ги поставувавме нашите барања во мир и достоинство. Некои не не слушнаа мислеа лесно ќе се откажеме. Одлучија да пејат химна на туѓа држава во Собранието и да го кршат Деловникот и Уставот. Тоа вчера беше државен преврат, мирните протести успеаа да ги извалкаат со намерни протести кои резултираа со насилство. Насилството никогаш не била наша намера ни цел и ние мораме да го осудиме. Нашата цел е со упорност да ја вратиме Македонија таму каде што припаѓа, рече Борис Дамовски.

Тој нагласи дека еден странски амбасадор вчера три пати ги посетувал пратениците во Собранието и, како што потенцира, ги охрабрувал да извршат државен преврат.

- Денеска на прес-конференција човекот кој сака да биде премиер прво што направи се пофали со поддршката на странски амбасади, директно стајавќи не под нивните чизми каде што го губиме својот суверенитет. Ова сценарио е за разнебитување на Македонскиот народ. Ако не сме заедно ќе не нема, ќе ја нема ни Македонија, ќе ја крстат како што сакаат, ќе пејат химни, ќе менуваат знамиња. Мора да знаат дека нема да се откажеме од нашите барања. Тие се нови избори, бидејќи легитимитетот е на народот и тој ќе решава кому да ја даде власта, порача Дамовски.