Бизнис
29. August 2015 - 20:00

За владата подеднакво важат и странските и домашните инвеститори

Државата дава подеднаква поддршка и на домашните и на странските инвеститори. Законите, бенефитите како и подобрената бизнис клима и помалата бирократија важат подеднакво и за едните и за другите.  Погрешна е тезата дека Владата повеќе помага на странските отколку на домашните инвеститори изјави денеска премиерот Груевски.

- Тоа е лажна теза на социјалдемократите дека повеќе внимание обрнуваме на странските инвеститори, отколку на домашните. Тоа го прават затоа што нема што да кажат бидејќи во нивно време ниту странски компании доаѓаа, ниту пак домашните имаа некаков прогрес, истакна Груевски.

- Цела помош и поддршката што ја даваме важи за сите. Ако нам ни дојде некој домашен инвеститор и сака да отвори фабрика, на пример со илјада вработувања, и побара помош, ние секако дека ќе му излеземе во пресрет. Камо среќа да има пет-шест или повеќе домашни инвеститори коишто ќе дојдат со проект и со заокружена финансиска конструкција и ќе побараат поддршка од Владата во државна помош за отворање нови фабрики што ќе отворат нови 5-6 илјади работни места ние сигурно ќе ги поддржиме, нагласи премиерот.

Премиерот денес ја посети индустриската зона во Василево. Информираше дека во индустриските  зони во општинатасе останати само 3 непродадени парцели а на 77 се изградени објекти кои успешно функционираат. Еден од нив е откупно дистрибутивниот центар Евромак,  кој годишно извезува 4 до 5 милиони евра. Градоначалникот на општината изјави дека поволностите што државата ги обезбедува за домашните и странските бизнисмени ги даваат позитивните ефекти.

Од Општината Василево најавуваат дека инвестирањето  ќе продолжи и во иднина. Се подготвува и нова индустриска зона.