Свет
5. August 2017 - 9:40

За „Третиот пат” на Макрон и падот на популарноста

Дојче веле – Бон

Според последната анкета од институтот за истражување на јавното мислење IFOP само 54 отсто Французи се задоволни од работењето на својот претседател Емануел Макрон, а големиот пад на популарноста аналитичарите ја оправдуваат со најавеното намалување на работничките права.

Резултатот од анкетата за Макрон значи пад за 10 отсто во однос на минатиот месец, полошо помина само Жак Ширак од мај до јули во 1995 година.

За таквиот рејтинг на Макрон има многу можни причини, но најважните се однесуваат на неговите буџетски и економски планови.

Во текот на изминатиот период поради намалување на буџетот за одбрана дојде до тешки судири меѓу владата и армискиот врв, поради што шефот на францускиот генералштаб Пјер де Вилије поднесе оставка. Владата на премиерот Еуар Филип има намера оваа година да заштеди 4,5 милијарди евра за да ги исполни критериумите на ЕУ за буџетскиот дефицит.

Но, како што се наведува, граѓаните на Франција најмногу се загрижени поради планираните реформи на работничките права.

Макрон до сега беше концентриран на надворешнополитичките акции, ги прими претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, а  гости му беа и пејачот Боно како претставник на една организација за развој и пејачката Ријана како амбасадорка на организацијата за Глобално партнерство за образование.

Но, во очите на граѓаните, Макрон не сјае толку силно како што се претставува на надворешнополитички план. Неговата популарност е разнишана откако најави дека има намера да го намали данокот на претпријатијата и на капиталот и дека ќе работи на измени на работничките права кои се на штета на работниците, на пример, дека работниците ќе бидат помалку заштитени од можноста за добивање на отказ.

Главната промена која сака да ја воведе е да овозможи на фирмите индивидуално да одлучуваат за должината на работното време, висината на платата или плаќањето на прекувремена работа. До сега тие работи беа регулирани единствено за секоја бранша.

За претседателот тоа е можност фирмите да ја оптимизираат својата работа пофлексибилно и во зависност од конкретната побарувачка. За синдикатите тоа е можност работодавците да го продолжат работното време, да ги намалат платите и да ги рушат стандардите кои важеа за сите подеднакво во целата држава. Посебно лош одек имаше најавата на Макрон дека новите одредби, ако треба ќе ги воведува со декрети.

Тие мерки се дел од неолибералната економска политика пресметани на намалување на социјалните трошоци и спроведување на „реформи” главно преку грбот на вработените, како и даночната политика во корист на елитите, т.е. побогатите слоеви. Некои аналитичари во тоа гледаат продолжение на „пост-политичката” идеологија на Маргарет Тачер, која своевремено беше британска премирка и го прокламираше начелото – нема алтернативи за неолибералната глобализација.

Следниот британски премиер Тони Блер поделбата на левица и десница ја прогласи за надмината, проповедајќи „радикален центризам” како нов политички модел со начелото: „Сите ние сме дел од средниот слој”.

Тој „трет пат” во Германија го прифати Герхард Шредер со својот „нов центар”, а го прифатија и другите западни социјалдемократи кои од тогаш се дефинираат како „лев центар”. Така во Европа беше создаден „центристички консензус” кој со бришењето на границите меѓу левото и десното, на граѓаните им ја одзема можноста да бираат меѓу различни политички проекти, консензус чиј типичен претставник е новиот претседател на Франција.

Недостигот на алтернативи е извор на многу проблеми кои денес се јавуваат во западните општества, како што се дискредитирање на демократските институции, се помалата излезност на изборите и се поголемиот успех на десничарските партии, констатира Дојче веле.

Тие партии денес се претставуваат како сила која сака да ја врати во рацете на народот власта која ја узурпира елитата и успеаја во многу земји трајно да се етаблираат како една „вистинска” алтернатива. Од друга страна, дефинитивното позиционирање на социјалдемократите во политичкиот центар и нанесе голема штета и таа речиси секаде во Европа се наоѓа во криза.

Емануел Макрон како непартиски политичар (само од 2006 до 2009 година бил член на Социјалистичката партија) со своето движење „Напред!” (En Marche!) создаде политичка платформа која всушност се вклопува во таквата „девијација” на социјалдемократијата, во каква не се претвори француската Социјалистичка партија чиј претседателски кандидат и Макроновиот ривал беше Беона Амон.

Но, таа платформа сега сериозно ја нарушува популарноста на Макрон.