Балкан
5. December 2017 - 13:37

За Црна Гора демаркацијата на границата со Косово е завршена работа

Црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ изјави дека за Подгорица прашањето за границата со Косово е „завршена работа“, иако Комисијата на косовска Влада процени дека договорот од 2015 година меѓу двете земји „не е во ред“.

- Прашањето за демаркацијата на границата сега е косовски проблем. Црногорскиот парламент никогаш не го откажал меѓународниот договор и тоа нема да се случи и сега, изјави Дармановиќ, додавајќи дека верува во демократската моќ на косовските институции.

Косовската владина Комисија за обележување на границата вчера до Владата поднесе извештај во кој се тврди дека со договорот постигнат со Црна Гора, Косово губи дел од својата територијата.

Косово Собрание

Владата до косовското Собрание го достави Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, заедно со извештајот на новата Комисија предводена од Шпејтим Булиќи, но се уште не е одреден датумот кога тие ќе се најдат на дневен ред.

Договорот за демаркација на косовско-црногорската граница е потпишан во август 2015 и за разлика од косовскиот, црногорскиот Парламент го ратификуваше набрзо по потпишувањето.