Балкан
16. August 2016 - 8:20

За 14 години Хрватска продала пет острови

Блиц - Белград

Иако пред десетина години на можноста за продажба на хрватските острови и островчиња се гледаше како на катастрофално и срамно расфрлање на националното богатство, сепак се најавуваше нивна распродажба на светските милијардери. Но, резултатите од сето тоа не се посебно фасцинанти. Имено, за 14 годиин продадени се само пет острови.

Меѓу првите продаден е островот Смоквица кај Примоштен во 2002 година за 9 милиони куни, односно за 1,1 милион евра.

Во 2000 година продадени се островите Фрашкер и Фрашкериќ на фирма на рускиот тајкун Владимир Евтушенков, додека во 2005 година островчето Јакљан е продадено на Горан Штрока за 6 милиони евра, а со приватизацијата на дубровничкиот хотел „Ексцелзиор” купувачот во пакет го доби и Островот на животот во Малостонскиот Залив.

На хрватската страна на Јадранот помали или поголеми острови има 1.244, од тие населени се 65, но во државна сопственост се 85 отсто и тие не се за продажба.

Кога се купува остров од приватен сопственик важи правило за првенство на купување, што значи дека продажбата треба прво да се понуди на општината, жупанијата и државата, па ако тие не се заинтересирани може да се понудат на приватник.

Меѓутоа, договорот за купопродажба не гарантира целосен посед, бидејќи се уште како општо добро останува крајбрежниот појас во ширина од минимални шест метри, а дури по добиената концесија и за тој дел купувачот може да се смета за целосен сопственик.

На времето, по продажбата на Смоквица, во јавноста се појави страв дека сите приватни острови многу брзо ќе се распродадат, па во 2006 година се донесени измени и дополнувања на Законот за островите, со кои се воведе право на првенство на купување на државата, жупаниските и локалните власти.

Тоа би значело дека покрај цената по која наследениот имот ќе се понуди на државата, а под која потоа не можат да одат во продажба ни на други, сопствениците мора да имаат уредни документи вклучувајќи го и утврдениот морски појас.

Дури откако во рок од 60 дена ќе се утврди дека ни државата, ни жупанијата, ни градот или општината, немаат интерес за купување, сопствениците можат да размислуваат за продажба на островот.

- Меѓутоа, ниту еден остров во целост всушност ни порано не можел да се продаде, бидејќи тоа подразбирало и продажба на морското добро, кое е општо јавно добро, бидејќи може да се добие само со концесија, објасни правничката Јасминка Билишков, сопственичка на агенцијата „Билишков недвижнини” од Каштел Стари, инаку заменик претседател на Здружение на агенции за промет на недвижницти, чија фирма учествувала во купопродажбата на Смоквица.

Оваа агенција всушност е најискусна во понуди на островите, бидејќи од вкупно понудени 20 острови на Јадранот, таа на „лагер” има 15.

- Да се има свој остров е знак на престиж меѓу светската елита, но хрватското законодавство и лошите инфраструктурни услови на нашите острови многу ги кочат нивните намери. Така од планираното купување се откажаа и некои познати клиенти, како Берни Еклестоун и принцезата Каролина од Монако, наведе таа.

Блишков вели дека ако на островот нема градби, не е можно ни да се градат, туку само да се адаптираат постоечките, освен ако купувачот нема намера да се занимава со сточарство или земјоделство, па да изгради објект за семејно земјоделско стопанство, а за тоа многумина немаат намера.

Според неа, за купување на остров секогаш постои интерес и токму сега Агенцијата на чие чело е таа има два клиента кои се заинтересирани за купување и ги посетуваат локациите.

Таа додаде и дека сите јадрански острови и островчиња не се подеднакво атрактивни, па и цените се движат од 11 до 70 евра по квадратен метар.