Балкан
6. April 2017 - 12:36

Вучиќ предлага единствен балкански пазар по моделот „СФРЈ плус Албанија“

Србија мора цврсто да остане на патот кон Европската унија, но во исто време и да ја зајакне регионалната соработка со соседните држави, пред се во сферата на економијата, изјави новоизбраниот српски претседател и актуелен премиер Александар Вучиќ во интервју за „Политико“.

- Доколку сите се согласат ќе направиме пазар од 20 милиони луѓе. Тоа би бил многу важен пазар бидејќи на тој начин би можеле да привлечеме многу повеќе инвеститори отколку досега, нагласува Вучиќ.

Запрашан дали на тој начин сака да формира „нова Југославија“, Вучиќ вели дека тоа би бил пазар што би ја опфаќал „стара Југославија плус Албанија“.

- Тоа е политичка идеја, но без загрозување на суверенитетот на државите. Тоа ќе ги зајакне нашите еконоими. Нам ни е потребна годишна стапка на раст од четири до пет проценти, а не од три отсто како сега. Тоа не е доволно, вели Вучиќ во интервјуто. 

На прашање како мисли да ја постигне оваа идеја за соработка имајќи ги предвид тензиите во регионот, Вучиќ истакнува дека „тоа еднаш му успеало на Тито“.

- Тито беше комунистички диктатор, но мнору паметен човек. Тој беше бравар, можете ли да замислите? Но, многу паметен. Тој знаеше како да ги поврзе луѓето. Тоа е она што нам сега ни треба. Да ги поврземе луѓето, вели се уште актуелниот српски премиер.

Тој натаму во интервјуто се осврнува и на ризиците од конфликт на Балканот и пред се во Косово и Босна и Херцеговина. 

- Што и да се случи во Косово, тоа ќе биде меѓу Србите и Албанците. Проблемите ќе се избегнат ако барем едната страна биде разумна. Меѓутоа во Босна има три страни и не е лесно да се справите со тоа. Босна е вистинско буре барут, смета Вучиќ.

Тој оценува дека во БиХ нема да има никакви референдуми за отцепување, но нагласува дека односите во оваа држава би можеле да бидат проблематични.

Осврнувајќи се на собирите што последните денови се одржуваат во Белград и други српски градови во знак на протест поради неговата победа на претседателстките избори, Вучиќ вели дека секогаш постојат луѓе кои се незадоволни од изборните резултати.

- Меѓутоа ние ќе им дозволиме да протестираат. Тоа е знак на демократија и јас сум многу горд на тоа, нагласува Вучиќ во интервјуто за „Политико“.