Второ издание на фестивалот „Киненова“, специјален гостин актерот Жарко Лаушевиќ
Под мотото „За сè има првпат“ од 6-ти до 11 октомври ќе се одржува второто издание на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“. Во шесте фестивалски денови посетителите ќе имаат можност да проследат богата програма со филмови кои се прв и втор долгометражен филм на режисерот.
Идејата на фестивалот е да открие, промовира и афирмира нови филмски приказни на нови автори кои се сè уште недоволно истакнати во светската филмска јавност, давајќи им шанса на почетокот од нивните филмски кариери.
Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет. Дополнителни, ревијални програми на фестивалот се: Панорама на светската незавизна филмска продукција; Кино Балкан; Фокус на; Македонски кратки и еден новитет програмата 0% Цензурирано, за која организаторите најавуваат дека ќе биде голема провокација за гледачите.
Според најавата, специјален гостин годинава ќе биде српскиот актер Жарко Лаушевиќ, кому ќе му биде доделено Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност.
Фестивалот како и минатата година ќе додели награди за најдобар филм, режија, сценарио и за најдобар филм според публиката, а ќе се натпреваруваат вкупно десет филмови од девет земји (Израел, Канада, Коста Рика, Романија, Венцуела, Холандија, Америка, Босна и Шпанија).
Филмовите ќе бидат оценувани од стручно жири кое оваа година е составено од Горан Марковиќ (Србија), претседател, Хулија Учансу (Турција ), Синоличка Трпкова (Македонија ) и Игор Гало (Хрватска).
Селектор на Главната програма е филмската критичарка Марина Костова. - Имаме 10 одлични филмови од 10 нови авторски гласови кои допрва ќе се слушаат. Сосем случајно испадна темата пострауматско искуство да биде нишка која на некој начин ги поврзува сите филмови во конкуренцијата за награди, што, пак, е сосем соодветно на нашава актуелна стварност, истакнува Костова.
Директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ изјави дека се потрудиле програмата да биде разновидна и да го разбуди љубопитството на филмските сладокусци.
- Па така, програмата не е тематска, туку се водевме според квалитетот на филмовите и авторскиот пристап кон темите, а размислувавме и на разноликоста на самите теми кои варираат од сурово егзистенцијални, па поствоени приказни, до исконско човечки како и теми кои се уште предизвикуваат силни контроверзии во нашето општество како хомосексуалноста, истакнува Јовановиќ.
Во рамките на „Киненова“ ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови за македонските млади сценаристи, а ментор ќе биде Џон Стивенс. Ќе има и панел-дискусии, трибини и мастеркласи.
Проекциите ќе бидат во кината Синеплекс и Милениум, Кино Култура и Кинотека на Македонија. Билетите, кои ќе чинат по 100 и 150 денари, ќе бидат пуштени во продажба во почетокот на наредната недела.
Ново на Сител
-
Вработена во битолско средно училиште нападната од колешка
-
Поради одржување предизборни митинзи в сабота и недела изменет режим на сообраќај во Скопје
-
Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители
-
Тепачка помеѓу две колешки во средно училиште во Битола
-
Вчера пријавени два различни случаи на физичко насилство на Бит Пазар
-
Приведени сопружници од Скопје
-
Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација
-
Претседателски избори 2024: Утре први гласаат членовите на ИО кои ќе ги спроведат изборите во дијаспората