Бизнис
12. November 2016 - 16:24

Втора домашна компанија влегува со инвестиција во зоните - ФПЦ Технопласт почна изградба на фабрика за 200 вработувања

Уште една домашна компанија ќе инвестира во зоните. Почна изградбата на фабриката на ФПЦ Технопласт во Бунарџик. Компанијата ќе произведува алати и пластични компоненти за познати автомобилски брендови. Инвестицијата е вредна 10 милиони евра и ќе отвори 200 нови работни места. Во првата фаза ќе бидат инвестирани 6 милиони евра и ќе се вработат 100 лица.

Фабриката треба да биде готова до крајот на следната година. Истовремено тече и последната фаза од изградбата на Хајтек, првата домашна компанија која инвестираше во зоните. Како што посочи директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, изградбата на овие фабрики е доказ дека условите за инвестирање важат и за домашните фирми.  

Компанијата е фирма-ќерка на компанијата „Тетепласт” која функционира во Македонија скоро 20 години и своето производство, пред се, го наменува за странскиот пазар.

Досега во фабриките во зоните се вработени околу 6800 лица а се очекува до крајот на годината бројката да достигне 7500. Пред 2 дена извозот од зоните го достигна  нивото од цела 2015 година, а до крајот на годината се очекува уште 20 % раст во однос на лани.