Балкан
19. November 2017 - 9:24

Втор круг локални избори во Косово

Во 19 општини во Косово  денеска се одржува втор круг од локалните избори, додека во Патреш се прегласува.

Право на глас имаат 1.353.613 граѓани, а се гласа на 1.777 избирачки места.

Демократскиот Сојуз на Косово се натпреварува во 12 општини, Демократската партија на Косово во девет, Движењето „Самоопределување“ во шест, Алијансата за иднина на Косово во пет, Српска листа во две, додека Алијансата Ново Косово, Иницијативата за Косово и Алтернатива во по една општина.

Најголемо внимание предизвикува изборот за градоначалник на Приштина, каде во трка се Шпенд Ахмети, од Движењето „Самоопределување“, кој се бори за втор мандат и Арбан Абраши од Демократскиот сојуз на Косово.

Втор круг на гласање, според Централната изборна комисија, има и во Ѓаковица, Гњилане, Драгаш, Истог, Качаник, Каменица, Јужна Митровица, Обилиќ, Раховец, Подујево, Призрен, Штиме, Урошевац, Витина, Клокот и Малишево.

- Изборниот процес го следат нешто повеќе од 12 илјади набљудувачи, од политичките партии, граѓансккот сектор, странските дипломатски претставништва, како и набљудувачи од мисиите на ОБСЕ/ОДХИР и ЕУ. соопшти Валмир Елези, портпарол на Централната изборна комисија.

Во првиот круг, одржан на 22 октомври, Демократски сојуз на Косово, освои четири градоначалнички места, Демократскатата партија едно, партијата Алијанса за иднината на Косово две, додека „Српска листа“ осум. Четиригодишен градоначалнички мандат освоија и двајца независни кандидати и тоа во Хан Елези (Генерал Јанковиќ) и Скендерај (Србица).

Движењето „Самоопределување“, Иницијативата за Косово, Алијансата за Ново Косово и Алтернатива не освоија градоначалничка функција.