Македонија
14. јуни 2016 - 15:02

Втор ден расправа за предлогот за импичмент на претседателот Иванов

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 105. седница втор ден расправа за предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, поднесена од пратениците од опозицијата. 

Пратениците од власта го повторија ставот дека претседателот Иванов со дадената аболиција не го прекршил Уставот и законите на државата има најголема доверба од граѓаните и дека сметаат оти опозицијата е политички мотивирана за директен напад на институцијата Претседател на РМ.

- Претседателот Иванов е единствен кандидат кој го освоил мандатот по втор пат. Легитимитетот кој го дава народот го покажуваат бројките, рече Момчило Аврамоски од ВМРО -ДПМНЕ и додаде дека Иванов на изборите освоил три пати повеќе гласови од сите три партии од опозицијата кои бараат одговорност од него.

Во реплика на Аврамоски, Благоја Стојановски од СДСМ рече дека не се важни гласовите на еден претседател доколку тој не го почитува Уставот.

- Колку и да освоил гласови тие се небитни доколку не го почитува Уставот на Република Македонија, рече Стојановски и додаде дека преседателот Иванов направил низа прекршувања на Уставот меѓу кои и на членот 9. 

Пратениците од опозицијата во текот на расправта побараа правна и политичка одговорност на Иванов за неговите постапки. Тие сметаат дека незаконско е давањето аболиција на лица кои не се обвинети, туку се само осомничени. Прашаа кога претаседателот бил во право - кога ја дал или кога ја повлекол аболицијата.

Стојко Пауновски од СДСМ во своето обраќање рече дека денеска се бара одговорност од претседателот, кој треба да ги штити интересите на државата и праша дали оние кои го гласале сметаат дека Иванов го постигнал тоа. Тој побара поддршка од сите пратеници, меѓу кои и од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за импичмент, за како што рече, „да се спаси самиот тој, но и партија која го поддржува’.

Според Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ, многу помала ќе биде грешката на неговата партија ако гласа против барањето за импичмент на претседателот, отколку грешката што ја направила партијата на Пауновски во Тетово на митинг кога излегле без ниту едно државно знаме.

Собраниската расправа ќе продолжи по редовната пауза.