Македонија
27. April 2017 - 16:21

Врховен ќе бара мислење на европски експерти за бомбите

Врховниот суд ја одложи расправата за прислушуваните разговори како доказ во постапка. Судиите на денешното продолжение на општата седница не донеле одлука за рефератот по правното прашање, побарале мислење од експерти, да бидат  консултирани судии со искуство во европскиот суд.

Според претседателот на врховен како експерт ќе биде повикана поранешната судијка во ЕСЧП од Македонија, Мирјана Трајковска-Лазарова. Вангеловски се надева дека таа ќе прифати да го даде своето мислење и да даде образложение околу практиката на судот во Стразбур.

Претседателот на Врховен на брифингот со новинарите изнесе и свој личен став околу барањето на СЈО за негово изземање.

Во меѓувреме во анализа за неделникот Република, експерти по право и  мегународната практика излегуваат со став дека незаконските материјали не можат да бидат докази во постапките пред судовите.Тие ги цитираат членовите 12 и 93 од ЗКП во кои стои дека доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот и законот како и  доказите произлезени од нив не може да се користат ниту да бидат основ за донесување судска одлука.

Ниту македонската легислатива, ниту светската пракса дозволува користење на докази кои биле стекнати спротивно на законот.

Инаку на седницата не бил донесен начелен став околу иницијативата  дали СЈО смее да поднесува барања за заштита на законитоста како правен лек до Врховниот суд или тоа право го има само државното јавно обвинителство.

По барањето на обвинителот Зврлевски,за  укинување на притворот на првоосомничениот во „Труст“  ќе се одлучува на друга седница во друг состав на судии, бидејќи од овој е изземена судија Лидија Неделкова по барање на одбраната на осомничениот.

Вангеловски појаснува како доказ за изземање е наведено дека синот на  Неделкова е ангажиран во СЈО и одбраната  се сомнева дека таа може непристрасно да постапува Вообичаено во праксата, судијата сам се иззема во вакви случаи, но Неделкова до сега  не се произнела.Вангеловски пак случајно дознал дека нејзиниот син работи во СЈО и тоа по  добиена службена доставница од СЈО , на која под печатот, стоел потпис со неговото име.