Македонија
11. January 2017 - 17:18

Времето утре ќе биде многу студено - Температурата ќе падне до минус 20

Времето утре изутрина во Македонија ќе биде многу студено, а преку денот претежно сончево со пораст на дневните температури.

Утринската температура ќе се движи од минус 20 до минус девет, а дневната од минус четири до пет степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево со слаб западен ветер. Утринската температура ќе се спушти до минус 18, а дневната ќе се искачи до минус два степена.

Позначителен пораст на температурата ќе има од петок кога ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималните температури насекаде ќе бидат позитивни. Нов влажен бран ќе има од петок кон крајот на денот и во сабота кога на повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег, а на пониските врнежи од дожд и снег. Пообилни врнежите ќе бидат во западните делови каде ќе дојде до зголемување на снежната покривка. Долж Повардарието, во јужните делови и на пониските места ќе има намалување на снежната покривка.

Во недела се очекува преодно стабилизирање, а од понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од снег со променлив интензитет. Дневната температура ќе биде околу нулата.