Македонија
24. March 2017 - 12:47

Вработените во судската служба бараат еднаков третман со судиите и обвинителите

Незадоволни од актуелниот статус и нееднаквоста во третманот пред судската и извршната власт, вработените во судската служба најавија повторно радикализирање на нивните активности во насока на исполнување на барањата за повисоки плати.

Тие инсистираат на изедначување на статусот што го имаат како вработени во судската администрација со останатите службеници, како судиите и обвинителите кои веќе издејствуваа покачување на нивните месечни примања.

- Прва активност во таа насока ќе биде контакт со сите релевентни фактори во државата, со барања да се изедначи нашиот со статусот на останатите категории вработени во правосудството. Доколку и овојпат институционално не ги оствариме нашите барања, подготвени сме на повторно наше излегување на протести и штрајкови, рече на денешната прес-конференција Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација на Република Македонија.

Тој најави дека доколку не наидат на разбирање, нивните протести ќе бидат многу порадикални, со прекин на сите работни ангажмани што секако ќе доведе до блокирање на работата на судовите, така што од штрајкот ќе трпат сите странки во судовите низ државата.

Вработените во судските служби протестираа со истите барања и минатата година, кога и покрај штрајкот ги извршуваа своите работни задачи, се со цел да не дојде до прекин во работата на судовите и за да не трпат граѓаните.

Мирчески појасни дека првите активности се веќе во тек, се одржуваат координативни состаноци во сите судови низ земјата, се вршат подготовки за нивни заеднички настап, по што ќе биде побаран контакт со Судскиот буџетски совет, со претседателот на Врховниот суд и со министерот за правда.

Во разговорите покрај за платите ќе биде отворено и прашањето за назначување на координатор на судската служба во органите што одлучуваат за финансиски прашања во правосудството.

Првиот сигнал дека вработените во судската служба се решени овојпат да истраат во своите барања е најавата на службениците во неколку судови за целосен бојкот на одбележувањето на Денот на правосудството на Република Македонија - 31 март.