Бизнис
23. March 2018 - 22:23

Вработените во Еурокомпозит на генерален штрајк, бараат нов менаџмент до понеделник

Вработените од прилепски „Еурокомпозит“ денеска стапија во генерален штрајк поради тоа што раководството на оваа државна компанија вчера на 10 членови на синдикалниот одбор им поделило решенија за суспензија. Вработените порачаа дека се додека не бидат сменети директорите „Еурокомпозит“ нема да работи.

„Ги напишаа тие решенија, си заминаа од фабрикава и со големо обезбедување му наредија на правниците да ни ги поселат тие решенија. Од денеска решивме да ја затвориме капијава и да не влегуваме во фабриката се додека се овие директори“, истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикален одбор.

Од синдикатот велат дека причина за отказите било тоа што излегувале на прес конференции и организирале протести.

„Ќе штрајкуваме што ни останува друго, со неисплатени 16 плати, придонеси од 2012 година, што да правиме ? Да не сакаат без пари да работиме ?“, запраша Трајко Илиоски, вработен во „Еурокомпозит“.

„Ова е најголем преседан во државава, на синдикатот да му се поделат отказни решенија“, рече Илија Талески, вработен во „Еурокомпозит“.

Директорот пак Александар Кузески телефонски ни изјави дека не се врши никаков притисок туку дека 10-те вработени, од кои 8 биле членови на синдикатот, добиле налози за суспензија бидејќи секојдневно го кршеле работниот ред и дисциплина. Вчера пак дошло и до физичка пресметка помеѓу дел од вработените и дисциплинска комисија вчера ги подели налозите за суспензија. Кузески штрајкот го оцени за нелегитимен и ги повикува вработените да се вратат на работа.

Тие пак се заканија дека доколку до понеделник не бидат разрешени директорите повторно ќе го блокирале патот Прилеп-Скопје.