Свет
22. September 2016 - 8:38

Вонредна состојба во Шарлот поради немири предизвикани по убиството на Афроамериканец

Гувернерот на американската сојузна држава Северна Каролина прогласи вонредна состојба во градот Шарлот, каде втора ноќ по ред продолжија судири меѓу полицијата и демонстранти.

Немирите започнаа поради отворање оган од страна на полицаец врз Афроамериканец, кој подоцна им подлегнал на повредите. Полицијата тврди дека тој имал оружје и одбил да ги спроведе наредбите на полицаецот, но роднини на убиениот велат дека не бил вооружен, туку дека држел книга, а не пиштол. Во тек е истрага за инцидентот.

Во судирите полицијата употребила солзавец и гумени куршуми, со цел да ги растера демонстрантите, меѓу кои имало и многу агресивни лица.

Одлуката за воведување вонредна состојба ќе им овозможи на властите да распоредат единици на Националната гарда и сообраќајна полиција, кои ќе и помогнат на локалната полиција да ја контролира ситуацијата.