Македонија
26. March 2016 - 15:29

Волонтерска акција на Младинскиот совет од Делчево за обновување на инвентарот во манастирот „Св. Балаклија“

Во Делечево денеска се одржа волонтерска акција на Младинскиот совет за санација и обновување на инвентарот во манастирскиот комплекс „Св. Балаклија“.
 
Волонтерите од делчевскиот Младинскиот совет, покажаа на дело како со креативна идеја и со малку средства, може да се придонесе за подобра грижа кон заедничките добра и да се зајакне свеста за максимално искористување на јавните простори во заедницата. Тие со волонтерска акција  ги обновуваа клупите и масите на познатото излетничко место во Делчево, манастирот „Св. Балаклија“, кој е на две километри од Делчево и каде инвентарот што сите го користат е целосно уништен.
 
Дарко Тодоровски,член на локалниот младински совет истакна дека тие сакаат да покажат практично како треба да се грижиме кон она што постојано го користиме.
 
- Оваа акција ја инициравме, бидејќи овој манастирскиот комплекс е познат за Делчево, тука има прекрасен спој на природата и духовното, доаѓаат многу гости и ние како  млади секое слободно време го поминуваме тука. Но, состојбата со клупите, масите, кои сите ги користиме е навистина очајна, па сакаме даја промениме оваа слика, рече Тодоровски.
 
Неговиот пријател и претседател на локалниот младински совет, Димитар Димитровски, рече дека оваа акција има една порака која сака да ја испрати до сите млади, но и граѓани на Делчево.
 
- Да се чуваат овие клупи што ќе ги направиме, бидејќи ние и ги користиме, рече Димитровски.
 
Локалниот младински совет на Делчево брои 11 членови, а денеска во акцијата се вклучија и повозрасни граѓани кои можат и знаат како мајсторски  да ја завршат работата. Лоренцо Трајановски донесе со себе машини и друг алат со цел да се обноват штиците и да се префарбаат клупите.
 
- Денеска ќе ги обновиме сите 30 клупи и маси, сакаме да им помогнеме на младите, бидеји оваа идеја е благородна, а клупите се стари повеќе од 15 години, рече Трајановски.
 
Оваа волонтерска акција се спроведува од страна на локалниот младински совет во Општина Делчево во соработка со Младинскиот образовен форум и е во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.