Македонија
20. November 2015 - 16:30

Воените разузнавачи од регионот загрижени за безбедноста поради враќање на бегалците назад

Воените разузнавачи од 12 земји од регионот, меѓу нив и од Република Македонија, изразиле сериозна загриженост за безбедноста на земјите во случај на затворање на границите за бегалците и враќање на економските мигранти од една земја во друга, изјави Генералниот секретар на Советот за регионална безбедност Горан Свилановиќ на чија иницијатива се одржал состанокот.

-Седев со нив и разговаравме токму за тоа за што сега разговараме: Што ако Германија ги затвори границите. И што велат најупатените луѓе во регионот? Навистина беа шефовите на воените разузнавачки служби. Јас можам да ви кажам само толку од тој разговор, дека се многу загрижени. Конкретно, не се загрижени се додека бегалците се движат во насока југ и југоисток  кон север и северозапад, туку што ќе се случи ако тргнат назад. И на некој начин ме замолија да ја пренесам таа загриженост на еден широк круг политичари. Јас тоа го направив со сите министри за надворешни работи, разговарам со нив и им реков до која мерка луѓето што сериозно се занимаваат со прашањето на безбедноста се загрижени, изјави за РТС Свилановиќ.

И Хрватскиот експерт за безбедност Игор Табак за ХТВ предупреди што ќе се случи со земјите од регионот, посебно со Македонија доколку Грција продолжи неконтролирано да ги пропушта мигрантите, а останатите земји тоа го прават селективно.

-Таква консеквентна примена на вакви мерки дефинитивно ќе доведе до натрупување на луѓе, доколку земјите кои се пред нас на тој пат не почнат да постапуваат слично. Значи, објективно гледано, најголемиот товар е на Македонија. Значи ако Грција продолжи со досегашната политика на пуштање со каква и да е регистрација, но масовно пуштање, во тој случај инцидентите прво ќе се случат на македонската граница. Досега видовме дека Македонија, во една таква ситуација во еден момент одлучи дека не сака да биде ,,крвник‘‘ и ,,црна овца‘‘ на целиот континент, па ги пропушти понатаму. Значи, во таква ситуација можеме да очекуваме верижни инциденти на границите, изјави за ХТВ Табак.

И двајцата експерти потенцираат дека мора да се зголеми координацијата помеѓу секоја од земјите на мигрантската рута за да не се случи безбедносен проблем во регионот.