Македонија
5. November 2015 - 15:02

Во Велешкиот театар нова премиера „Класен непријател“ во режија на Теа Беговска

На малата сцена на Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес во сабота вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Класен непријател“ од Најџел Вилијамс во режија на Теа Беговска.
 
Како што појасни на денешната прес-конференција уметничкиот директор Васил Зафирчев, станува збор за познат драмски текст во светот кој ја третира социјалата помеѓу луѓето не само во класна, туку и во животна и човечка смисла.
 
- Станува збор за еден многу ангажиран драмски автор и ми се чини дека ќе биде многу актуелен   за нашите современи значења и толкувања на општествено политичката стварност  не само на Балканот,туку и во Европа и светот, потенцира Зафирчев.
 
Младата режисерка Теа Беговска за медиумите појасни дека главното прашање кое го поставува оваа претстава е што е знаењето и колку тоа може да го поправи овој  свет.
 
- Јас дадов слика на нашиот општествен систем акцентирајќи ги раскажувањата на ликовите и нивните тажни судбини,нивните „предавања“ кои се одбранбен механизам против овој општествен механизам, рече Беговска.
 
Младиот актер Жарко Спасовски кој го игра еден од двата главни,ликот на Пегла, појасни дека ова за него била тешка и комплексна улога ,која сепак не се далеку од нив бидејќи тие се скоро излезени од школските клупи. Ликовите се тешки бидејќи се со големи социјални проблеми,кои ги натерале да бидат гневни кон се’ што ги опкружува:на општетството,родителите,професорите,соучениците.
 
Инаку, во претставата настапува скоро целокупниот театарски ансамбл на велешкиот Народен театар, а во кој главните улоги ги толкуваат младите актери, а споредните повозрасните. Тие се младите актери: Жарко Спасовски,Фаик Мефаиловски и Талија Настова.
 
Сценографијата е на Филип Коруновски,костимографијата на Александра Крнинова Груев, а музиката на Енис Беговски.