Македонија
15. April 2016 - 15:40

Во велешката касарна на АРМ одбележан 15 април Денот на Командата за обука и доктрини

Во велешката касарна на АРМ „Алексо Демниевски-Бауман“ денеска во салата на војничкиот клуб свечено беше одбележан 15 април - Денот на Единицата, односно на  КОД-Командата за обука и доктрини.
 
Како што потсети од свечената бина полковникот Љупчо Костовски командант на КОД, на 14 април 1992 година во гарнизонот во Охрид пристигнал првиот регрут,припадник на АРМ, а тоа беше велешанецот Панче Јамандиев. Веќе следниот ден на 15 април празните касарни ги пополниле и останатите регрути од новоформираната Армија на Република Македонија.
 
- Ние во Командата за обука и доктрини - КОД,се определивме и го предложиве овој Ден 15 април,како Ден на нашата Единица,поаѓајќи од фактот на континуираното ангажирање на почетокот на обуката и подготовката на граничарите за чување на државната граница.Подоцна и во интензивната обука на регрутите,а потоа и на граѓаните на доброволно служење на воениот рок,затоа овој Ден некои го нарекуваат и Ден на македонскиот војник,информира полковник Костовски.
 
Тој потсети дека КОД е задолжена за индивидуалната обука на сите припадници на АРМ преку Центарот за индивидуална обука, Центарот за обука на питомци и Центарот за странски јазици.Воедно даваат и интензивна поддршка на колективната обука на сите Команди и Единици на АРМ па и на други државни агенции и институции,а преку КОД годишно се опслужуваат околу 15 илјади лица.
 
Во 2012 година формиран е Центарот за изработка на доктрини,правила и упатства и научени лекции во кој досега се одобрени повеќе од 100публикации,преточени во правила,упатства и прирачници, информира полковник Костовски.
 
- Нов импулс ни дава формирањето на Центарот за симулации кој е во завршна фаза и за очекување е за наредната годишнина  да се пофалиме со организација на првата компјутерски подржана симулациона вежба во сопствена режија, најави полковник Костовски.
 
На свеченоста беа доделени награди и пофалници на некои од успешните припадници на КОД,како и пехарите и призанијата на минатонеделните спортски игри што ги организира КОД.
 
Воедно беа доделени и наградите во книги  на ученици од велешката Гимназија „Кочо Рацин“ по распишаниот литературен конкурс на тема АРМ.Свеченоста беше заокружена  со македонски ора  во изведба  на КУД „Коле Неделковски“ од Велес.