Македонија
23. October 2017 - 8:32

Во Торонто промовирана монографијата „Израел и Македонија“ од Славе Катин

Во салата на македонска православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, синоќа е промовирано монографското дело „Израел и Македонија“ од Славе Катин.

Делото, за кое се рецензенти д-р Петко Златески, професор на Теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и Горан Садикарио, директор на Еврејскиот центар на холокаустот во Скопје, е на 416 страници, на англиски, македонски и хебрејски јазик, а е издание на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје.

Монографијата беше промовирана во рамките на активностите на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, кое е во состав на црквата „Свети Климент Охридски“, а во присуство на голем број македонски иселеници и гости од канадското општество, информираат организаторите на промоцијата.

Овој културен настан го отвори и за делото зборуваше потпретседателот на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, Драгица Димовска, која е и уредник и водител на Македонскиот радио час „Обединета Македонија“, а говореа и Соња Лозановска, главен и одговорен уредник на весникот „Македонија“ од Торонто и Тодор Марковски, претседател на Канадско-македонското историско друштво од Торонто.

Во своето излагање Драгица Димовска, меѓу другото, рече дека монографијата „Израел и Македонија“ е дел од патувањето на Славе Катин во Израел, исполнето со многу искушенија, сознанија и предизвици за да се запознае „Светата земја“, нејзините библиски места, градови, култури, религии, обичаи и многу карактеристики на нејзиниот современ свет.

Посебно место во книгата „Израел и Македонија“ е посветено на етничка Македонија, на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на  Македонско-израелските мостови на поврзување, соработка и заемното почитување кои траат од многу одамна.вг/са/07:31

Македонија и Израел Славе Катин