Македонија
21. November 2017 - 22:15

Во Струмица отворена изложба на лица со хендикеп

Уметнички слики, ракотворби изработени од текстил и дрво и други креативни експонати изложија денеска лицата со хендикеп од Струмица на изложбата „Можеме и умееме и не сме поразлични од Вас“ што се одржа во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Настанот го организираа здруженијата на лица со посебни потреби на иницијатива на Роза Мојсовска од Заводот за рехабилитација Бања Банско во соработка со Дневниот центар „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

- Преку оваа изложба сакаме да покажеме дека умееме да твориме и да бидеме корисни во заедницата, зошто ние не сме ништо поразлични од Вас. Напротив, сакаме да покажеме дека сме нормални луѓе и така сакаме да бидеме прифатени. Тоа преку изложба го покажавме денес во Струмица, а бевме и во Скопје, Кавадарци, Штип, изјави Мојсовска, која е позната по сликањето со уста и пишувањето поезија.

изложба лица со хендикеп

Ваквите настани се важни за да се сврти вниманието кон лицата со хендикеп и со посебни потреби.

- Сметам дека еднаш месечно треба да се организираат вакви настани, за јавноста да се запознае со лицата со посебни потреби и да ги прифати како еднакви на себе. Како родител на дете со Даунов синдром морам да кажам дека важно е да се запознаат граѓаните со нив, дека иако навидум се различни, тие се исти, со исти чувства и мисли. Преку продажбата на ракотворбите се стимулира нивниот развој и креативност, истакна Анче Туфекчиева од Здружението на лица со Даунов синдром „Вера“.

изложба лица со хендикеп

Денешниот настан го поддржаа поголем број јавни личности, како и сопругата на претседателот на Владата, Зорица Заева.