Македонија
19. January 2016 - 17:41

Во Скопје радоста ја понесе Даниел Дончевски – На Водици беше и премиерот за избори, Емил Димитриев

Скопјанецот Даниел Дончевски по четврти пат беше најбрз во трката по светиот крст во осветените води на реката Вардар. Помеѓу 100-ната верници кои утрово влегоа во ладните води, среќата повторно му се насмевна на дваесет и шест годиншниот Даниел, чија верба во Бога беше посилна од студот. За храброста, премиерот Емил Димитриев му подари телевизор.

„Преубаво чувство. Нека е за могу години овој празник. Овој крст нека донесе многу здравје и среќа“, изјави дваесет и шест годишниот Даниел.

Богојавление или меѓу народот познат како Водици е еден од најголемите празници, чие чествување во земјава има најголема масовност. Овој ден се смета за столб на христијанската религија, чинот кога Христос го примил светото тајно крштение. Централната прослава започна со божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан. До илјадниците верници собрани на кејот на Вардар тој упати пораки за мир, здравје и благосостојба.

Манифестација по повод водици во главниот град традиционално се одржа и на железничкиот мост на реката Вардар во населбата Хром. Таму најсреќен беше 18-годишниот Петар Пецевски. На манифестацијата присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и заменик-министерот Диме Спасов кој на Патар му подари телевизор.

Годинешното одбележување на Водици мина без никакви инциденти и повредени. Според верувањата фаќањето на крстот го симболизира соединувањето на човекот со Христа, а оној кој ќе го извади од осветените води ќе го прати среќа во текот на цела година.